Балотели: Можев да потпишам за Јувентус, но срцето го одбра Милан

На фудбалската сцена се претстави играјќи уште како тинејџер за Интер, но Марио Балотели од мал бил навивач на Милан. Во 2013 година, по авантурата во Манчестер сити, Супер Марио имал прилика да потпише за Јувентус и да си оствари трансфер на кариерата, ако се знае дека во Торино му беа гарантирани трофеи, меѓутоа тој одлучи да го послуша срцето и да заигра за омилениот клуб.

„Речиси сите детали беа договорени со Јувентус и веќе се гледав во Торино. Но, потоа разбрав дека Галијани ме посакува во Милан и се изненадив. Тоа е клубот за којшто навивам од мали нозе и веднаш знаев дека сакам да бидам во Милан. Тогаш тие беа при средината на табелата и знам дека ќе беше попаметна опција да го одберам Јувентус, но срцето го одбра Милан“, откри Балотели.

Италијанскиот репрезентативец за Росонерите запиша 77 настапи, во кои реализира 33 погодоци, а потоа се врати во Премиер лигата, каде што имаше неуспешен период со Ливерпул. Балотели моментално е член на Бреша, а пред да се врати во Серија А, играше за Ница и Олимпик Марсеј.

- Оглас -

Најнови вести