Барди му дојде на гости на тим што Леванте ретко го победува

Енис Барди и неговите соиграчи од Леванте ќе се обидат да ги заборават лошите спомени од дуелите со Еспањол и со победа во Барселона да направат уште еден голем чекор кон сигурен опстанок.

Мечот што ќе се игра од 14 часот не е пријатен за гостите од Валенсија, кои имаат лош биланс против Еспањол. Леванте има само една победа на десетте последни меѓусебни дуели во Ла Лига со денешниот ривал, или вкупно две, сметајќи ги и натпреварите од Кралскиот куп на Шпанија.

Токму двата лански дуели од осминафиналето на Копа Дел Реј се особено болни за Барди и Леванте. По победата на гостински терен од 2:1 и големата предност на патот кон завршницата, во реваншот Еспањол успеа да направи голем подвиг. Со триумф од 2:0 на „Сиудад Де Валенсија“ гостите од Барселона прославија пласман во четвртфиналето на шпанскиот куп.

Откако е Барди член на Леванте, а потпиша договор со шпанскиот клуб во јули 2017 година нема ниту една победа на пет дуели со Еспањол во најсилната шпанска лига.

Клубот од Валенсија пред денешниот меч од 30. коло во Ла Лига е на 11. позиција со 35 бода, додека Еспањол е претпоследен со 24 бода, колку што има и фенерџијата Леганес.

 

- Оглас -

Најнови вести