Барселона и Интер одиграа неверојатен меч и ремизираа 3-3 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. Брзината и техниката на Барса против силата, воздушните дуели и тактичката поставеност на Интер. Тимовите на Ханси Флик и на Симоне Инзаги ги одушевија гледачите, беа постигнати спектакуларни голови, но патникот во финалето ќе се решава на реваншот во Милано.
Маркус Турам по само 31 секунда донесе водство за Интер со удар со петица, а Дензел Думфрис зголеми на 0-2 со „ножички“ во 21-та минута.
Три минути подоцна намали Ламин Јамал со спектакуларен гол, а Дани Олмо израмни во 38-та минута.
Интер повторно поведе во 64-та минута, по високиот скок и удар со глава на Думфрис, но Барса израмни само минута подоцна, откако Рафиња упати проектил од далечина, а топката од гредата удри во голманот Јан Сомер и заврши во мрежата.
Спектаклот продолжува за шест дена на „Џузепе Меаца“ во Милано.