Заврши уште еден преоден рок во фудбалска Европа, а Барселона повторно остана на маргините, што не е својствено за каталонскиот гигант. Актуелниот шпански првак во своите редови го доведе голманот Жоан Гарсија, веројатно најдоброто и најважното засилување во последните години. Тука се и Маркус Рашфорд и Рони Барџи, двајца напаѓачи кои можат само да се надеваат на улога во ротацијата, односно да помагаат од клупата за резерви.
Звучи неверојатно, но Барселона потроши само 27.500.000 евра ова лето, за Жоан Гарсија и Барџи, додека Рашфорд е на позајмица без задолжително откупување на договорот. Не треба да заборавиме дека Англичанецот беше само трета варијанта за играч од нападот бидејќи првите две желби на Жоан Лапорта беа – Нико Вилијамс и Луис Дијас, кои беа премногу скапи и недостижни ова лето.
Дополнително, Барселона претрпе голем удар со заминувањето на Иниго Мартинес. Иако е сосема јасно дека Иниго нема да може да ја повтори последната, исцрпувачка сезона, во која беше неочекувано најстандарден, неговото присуство, или сега – отсуство, ќе биде голем удар за соблекувалната.
Сепак, Каталонците не се само губитници на летото поради заминувања, пристигнувања, туку и пропуштени големи желби за следната година.
Поради проблемите со финансискиот ферплеј од почетокот на 2025 година беше јасно дека Барселона нема да може да потроши многу пари ова лето, па се подготвуваше за 2026 година, кога треба да има финансиска стабилост во клубот.
Каталонските извори пишуваат дека поради нестабилната финансиска состојба, Барселона била принудена да го задржи Роберт Левандовски бидејќи не била во можност да ги донесе замените што ги сакала. Како опции за замена на Левандовски беа Александар Исак, Виктор Ѓокереш и Бенџамин Шешко, но сите тројца летово направија големи трансфери во Ливерпул, Арсенал и Манчестер јунајтед.
Моментално единственото име што се издвојува е – Хулијан Алварес, но бидејќи Атлетико му плати речиси 90.000.000 евра, малку е веројатно дека ќе го пуштат толку лесно да се приклучи во редовите на нивниот голем ривал.
Кога ќе се сумираат активностите на Барселона во летниот преоден рок, резултатот е: доаѓањето на крилниот напаѓач кој беше план Ц (Рашфорд), сагата околу Нико Вилијамс, заминувањето на Иниго Мартинес и пропуштениот тајминг за напаѓачите кои бараа и најдоа нови клубови ова лето – се доказ дека Барселона е еден од губитниците ова лето.