Барселона и ЦСКА одиграа еден од најчудните мечеви во Евролигата

Барселона славеше во својата „Блауграна“ против ЦСКА Москва со 81:73 во дербито на десеттото коло во кошаркарската Евролига. Каталонскиот гигант со оваа победа изби на првото место на табелата со осум победи, колку што имаат и Реал Мадрид и Милано, но тие две екипи имаат послаба кош-разлика.

Дербито во Барселона беше едно од најчудните, со неверојатни пресврти. Откако беше нерешено по првите 10 минути, Барселона во втората четвртина одигра одлично и на полувреме замина со водство од 38:27.

На почетокот од второто полувреме, Барселона поведе со 14 разлика (41:27), но домаќините тука сопреа. Кошаркарите на ЦСКА заиграа многу подобро во нападот и цврсто во одбраната, па за неполни шест минути гостите направија серија до 25-4 и московјани поведоа со 52:45.

На почетокот на последната четвртина, ЦСКА стигна и до највисока предност од десет разлика (61:51), а потоа следуваше „дупка“ во играта на гостите. Овојпат Барселона тргна во офанзива и со брза серија од 11:0, Каталоците поведоа со 62:61. Домаќините продолжија со одличната игра и за кратко време поведоа со 75:67 и до крајот ја задржаа предноста од осум разлика.

Кога ќе се погледне мечот, Барселона во втората четвртина беше подобра со 11 разлика (25:14), ЦСКА го доби третиот квартал дури со 20 поени (33:13), а решавачката четвртина повторно им припадна на домаќините со убедливи 30:13 и на крајот стигнаа до победа.

Во останатите мечеви кои се играа вечерва: Зенит – Алба Берлин 75:66, Уникс Казан – Милано 97:71, Анадолу Ефес – Олимпијакос 88:69, Макаби Тел Авив – Монако 95:84, Барселона – ЦСКА Москва 81:73.

- Оглас -

Најнови вести