Барселона потсети на старите добри времиња и се пласира во четвртфиналето, драмата во Лондон ќе трае барем уште 30 минути (Видео)

Барселона се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако со 3:1 славеше против Наполи во реваншот од првата нокаут-фаза во Лигата на шампионите. Од самиот почеток, Барселона заигра фуриозно и во период од 15-тата до 17-тата минута постигна два гола.

Фермин Лопес и Жоао Кансело погодија за 2:0 за Барселона, но Наполи не се предаде, па во 30-тата минута со голот на Рахмани намали на 1:2, што беше резултат на полувремето. Трите гола од првиот дел може да ги видите ТУКА.

Во второто полувреме Наполи пропушти две добри шанси да стигне до 2:2, но откако гостите тоа не го искористија, следуваше казна. Во 83-тата минута, Барселона одигра одлична акција, која потсети од времето на славните денови на каталонскиот гигант од пред неколку години, а Левандовски погоди за 3:1.

За разлика од Барселона, каде што возбудувањата завршија, на вториот меч од ЛШ, кој се игра вечерва, драмата уште трае. Арсенал има водство од 1:0 против Порто по 90 минути, а со истиот резултат Португалците победија на првата средба, па вкупниот резултат е 1:1, што значи дека мора да се играат продолженија.

 

- Оглас -

Најнови вести