Фудбалерите на Барселона убедливо со 6:0 ја победија Валенсија во меч од шпанското првенство, кој се одигра на малото стадионче „Јохан Кројф“ во каталонската престолнина.
Во првото полувреме Барселона постигна само еден гол, и тоа преку Лопес во 29-тата минута за предност од 1:0, но затоа вистинско гол-шоу имаше во вторите 45 минути, кога фаворитот постигна дури пет погодоци. Рафиња и Роберт Левандовски влегоа како резерви во второто полувреме, но двајцата постигнаа по два гола. Ова е првпат во 21 век двајца играчи на Барселона коишто не биле стартери на еден ист натпревар да постигнат по два погодоци.
Дуелот против Валенсија ќе се памети и по фактот дека на стадионот „Јохан Кројф“ имаше само 6.000 гледачи. Толкав е капацитетот на овој мал стадион, на кој Барселона игра како домаќин затоа што „Камп ноу“ уште не е целосно реновиран и не е подготвен за натпревари.
Во историјата на Барселона, овие 6.000 гледачи се најмалку што имало на дуел на кој каталонскиот гигант е домаќин во првенството, во последните 103 години. Секако, тука не се смета периодот кога беше корона-вирусот и кога имаше големи рестрикции за гледачите да бидат на трибините.