Барселона триумфално ја заврши сезоната 2024/25 во Ла Лига, откако во последното коло славеше со убедливи 0-3 на гостувањето кај Атлетик Билбао. Со оваа победа, каталонскиот гигант ја круниса шампионската титула, завршувајќи на врвот со 88 бодови, четири повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.
Покрај Барса и Реал, пласман во Лигата на шампионите обезбедија и Атлетико Мадрид, Виљареал и Атлетик Билбао, кој и покрај поразот остана во топ 5.
Средбата на „Сан Мамеш“ мина во знакот на Роберт Левандовски, кој блесна со два гола. Полскиот голгетер го отвори резултатот во 14-тата минута, а веднаш потоа повторно ја затресе мрежата на Унаи Симон за водство од 0-2.
Во самиот финиш, во судиското надополнување, Барса доби пенал, кој го реализираше Дани Олмо за конечни 0-3.
Натпреварот мина и во емотивен тон, Оскар Де Маркос, легендата на Атлетик Билбао, го одигра својот последен меч за клубот. 36-годишниот играч за врска беше заменет во 89-тата минута, добивајќи овации од публиката. Де Маркос целата своја професионална кариера ја мина во дресот на Билбао, каде дебитираше во сезоната 2009/10.