Барселона се намачи, но на крајот стигна до победа на гостувањето кај Лас Палмас. Каталонскиот гигант губеше со 1:0 на полувреме, но во второто полувреме успеа да направи пресврт. Голот за победа го постигна Илкај Гундоган од пенал во 90+2 минута.
Интересно е дека во последните 20 минути, кога резултатот беше 1:1, тренерот на Барселона, Чави Ернандес, реши да го извади од игра Роберт Левандовски, кој е прва опција во нападот и најдобар стрелец. Иако многумина останаа збунети од овој потег на Чави, кога на местото на Левандовски во игра го внесе Жоао Феликс, стратегот даде интересно објаснување.
„Го заменив Левандовски затоа што ни беа потребни напаѓачи кои ќе може да делуваат зад нивната одбрана, а такви се: Витор Роке и Феран Торес. Ова беше меч за играчи како што се Жоао Феликс, Рафиња и Ламин Јамал, но не и за Роберт затоа што тој не напаѓа простор зад одбраната“, објасни Чави, кој додаде дека на ниту еден фудбалер не му се гарантира дека на секој меч ќе игра по цел меч.
„Зошто да биде изненадување ако биде заменет Левандовски? Кај мене нема недопирливи. Така е од првиот ден кога дојдов да работам тука“, рече Чави.