Герет Бејл повторно ги нервира навивачите на Реал Мадрид, а вели дека фудбалот му е само работа, додека вистинската спортска љубов му е голфот.
Велшанецот го навлече гневот на симпатизерите на Кралскиот клуб со неодамнешниот потег, кога го стави на последното место својот клуб, а пред него беа репрезентацијата на Велс и голфот.
И сега во интервју за шпанските медиуми вели дека фудбалот не му е приоритет, туку само работа, како и секоја.
„Фудбалот стана многу напорен и е голем бизнис. Се бројат само головите, победите, бодовите, а притисокот е огромен. За разлика од стресот што го доживувам на фудбалските терени, голфот ме релаксира. Во Англија речиси секој професионален фудбалер игра голф, но во Шпанија е малку поинаку“, вели Бејл.
Најдобриот велшки фудбалер има чуден статус во Реал и беше на прагот да се пресели во Кина минатото лето, но се премисли иако пристигна во најбројната земја на светот.
Во Реал Мадрид беше прогласен за вишок, но сезонава сепак одигра 14 натпревари во Ла Лига и постигна два гола. Во Лигата на шампионите одигра само 116 минути, а со Реал е на прагот на елиминација по поразот во осминафиналето во Мадрид, во првиот меч против Манчестер сити со 1:2. Реваншот ќе се игра во август.