Бекер: Би се обложил на Рафа, но Новак и Тим имаат поголеми шанси отколку лани

Шесткратниот освојувач на гренслем-титули и екстренер на Новак Ѓоковиќ, германската тениска легенда Борис Бекер изјави дека според него, Рафаел Надал е главен фаворит за титулата на претстојниот „Ролан Гарос“ во Париз, иако Шпанецот минатата недела потфрли на Мастерсот во Рим, кој се играше за земјена подлога и беше генерална проба пред Отвореното првенство на Франција.

Надал во Вечниот Град загуби во два сета од Диего Шварцман, но Бекер мисли дека не може на друг да му се даде фаворитската улога.

„Најлогично е да го посочиш 12-кратниот шампион на ’Ролан Гарос’ како фаворит за титулата. Но, годинава тенисот, па и животот воопшто се поразлични. Го гледав Надал во Рим и очигледно е дека не е 100% подготвен. Играчите кои настапија на турнирите во САД, како и во Рим и Хамбург, ќе имаат предност“, смета Бекер.

„Надал е навикнат пред ’Ролан Гарос’, да игра в Барселона, Монте Карло, Мадрид и Рим. Тоа се четири многу силни турнири, кои му помагаат да се подготви перфектно за Париз. Оваа година тој немаше можност да игра на тие турнири. Освен тоа, во почетокот на октомври во Париз не е толку топло и топчето нема да отскокнува толку високо. Но, Рафа е играчот на кој би се обложил. Конкуренцијата ќе му биде силна, тука се Ѓоковиќ и Тим. Двајцата имаат многу поголеми шанси за разлика од лани“, анализираше Бекер.

- Оглас -

Најнови вести