Украина со 3:1 ја победи Белгија во првиот меч од баражот за влез во Сегментот А во Лигата на нациите. Со овој резултат Украина само потврди дека игра во одлична форма, а Белгија дека е очајна. Доколку Белгија сака да остане во елитното друштво во Лигата на нациите, ќе мора в недела на свој терен да ја анулира оваа негатива, што воопшто нема да биде лесно.
Поради војната во Украина, оваа селекција своите мечеви како домаќин ги игра на неутрален терен, па синоќа во Мурсија, Шпанија покажа сила против Белгија. Победата на Украина е уште повредна ако се знае дека Белгија на полувреме водеше со 1:0, но Украинците во вториот дел постигнаа три погодоци и стигнаа до важен триумф.
Украинците имаа три победи и две ремија во последните пет меча кои ги одиграа, со што само потврдуваат дека се во одлична форма. За разлика од нив, Белгија игра очајно. Селекцијата за која до пред неколку години се велеше дека има „златна генерација“, нареди пет порази и едно реми во последните шест меча што ги одигра.
Белгија е селекција која е главен фаврот во квалификациите за пласман на Светското првенство во групата во која е и Македонија. Белгија и Македонија се во група уште со Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Ако Белгија продолжи со очајните игри, секако тоа може да биде само уште еден дополнителен мотив за Македонија да изненади во квалификациите за СП 2026.