Наскоро во Турција ќе се отвори еден ултрамодерен стадион. Градежните работи на стадионот „19 Мај“ во Анкара се речиси завршени. Во проектот, кој е реализиран 95 отсто, се вложени 261 милион долари, а новиот стадион ќе има капацитет од 51.000 гледачи. Стадионот е изграден во рамките на подготовките за Европското првенество кое ќе се игра во 2032 година, а домаќини на овој врвен објект ќе бидат градските ривали Анкарагучу и Генчлербирлиги.
Новиот стадион е изграден на местото на коешто беше стариот стадион отворен во далечната 1936 година и срушен во 2018 година поради дотраеност. Новиот стадион е проектиран по сите најмодерни стандарди на ФИФА и УЕФА. Посебно се истакнува модерната инфраструктура надополнета со традиционални турски геометриски мотиви. кровната конструкција е со распон од 285 метри и е една од најголемите на спортски објект во светот.
Покрај самиот стадион, проектот вклучува и реновирање на околниот спортски комплекс во центарот на Анкара. Ќе вклучува нови спортски сали, атлетски објекти и друга придружна инфраструктура. Целта е да се создаде модерен спортски центар кој ќе може да биде домаќин не само на домашни и меѓународни натпревари, туку и на големи спортски и културни настани.
Стадионот ќе биде погоден и за натпревари на турската репрезентација и финалиња на европски натпреварувања, што дополнително ја зголемува неговата важност на национално ниво. Инфраструктурата во и околу стадионот е подигната на највисоко ниво. Навивачите ќе имаат пристап до модерни пристапни патишта, подземни гаражи, голем број угостителски објекти, продавници за навивачи и ВИП бокси.
Посебно внимание е посветено на безбедносните протоколи и видеонадзорот. Акцент е ставен и на удобноста на гледачите. Седиштата се ергономски дизајнирани, растојанијата меѓу редовите се поголеми отколку на стариот стадион, а видливоста на теренот е оптимизирана речиси од секоја точка на трибините за да се направи посетата на натпреварот посебно искуство.

