Блокотехна е новиот шампион на БИБЛ-лигата откако во финалниот меч славеше убедливо против Теута Драч со конечни 82:68. Гевгелискиот тим е вториот македонски претставник, по Фени Индустри, кој ја освои титулата во регионалното натпреварување, а кошаркарите на Илиевски стигнаа до пехар уште во првото финале во кое настапија од основањето на овој клуб.
Фуриозниот старт ѝ обезбеди на Блокотехна удобна предност од 25:9 по воведните 10 минути од средбата, а потоа со помалку притисок продолжија со контролата на топката. Гевгеличани фатија нов залет во третиот период, а сè беше јасно кој ќе слави на крајот уште пред да почне одлучувачката четвртина.
Пен беше неприкосновен со 31 поен, а шутираше 5/11 за три поени, а за победата на Блокотехна придонесоа и Ѓумиќ со 17, односно Николиќ со 15 поени. Хамати беше најсветла точка од редовите на Теута со 18 поени.