Тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски, по триумфот на неговиот тим против албанска Теута во Балканската лига, најави дека во наредниот период гевгелискиот клуб ќе донесе уште засилувања во својот тим.
Блокотехна има големи амбиции и во домашното првенство и во Купот, но и во БИБЛ, а за да биде успешна на два фронта истовремено, ќе треба поголема ротација. Засега на тимот добро му оди, во првата лига има само еден пораз, во БИБЛ се приклучи подоцна и има 2-0.
„Задоволен сум како одигравме во одбраната во текот на целиот меч со Теута, но имавме проблеми во нападот. Во првото полувреме постигнавме само 28 поени. Увидов дека проблемот е во начинот на изработката на акциите. На почетокот на второто полувреме заигравме многу подобро во нападот, но Теута се врати и постојано беше блиску“, рече Илиевски.
Потоа тренерот се осврни и на наредниот период.
„Пред почетокот на сезоната имавме состав доволен само за настап во едно натпреварување. Сега треба да бидеме подготвени за два фронта. Наскоро ќе земеме нови играчи и ќе бидеме поконкурентни во две натпреварувања истовремено. Мислам дека по Нова година ќе имаме поразличен состав од овој сега“, најавува Илиевски.