Добрата одбрана и ефикасниот напад во последната четвртина му ја донесоа втората победа на тимот на Блокотехна во оваа сезона во регионалната Балканска лига. Во салата „Рамазан Њала“ во Драч, Блоко славеше против Теута со 70:61 и на албанскиот тим му го нанесе првиот пораз сезонава во БИБЛ. Сега без пораз се само бугарски Берое и Блокотехна.
Пен со 19 поени и 10 скока имаше прилика да се воигра со својот нов тим и покажа дека ќе биде важен играч во ротацијата на Марјан Илиевски. Двоцифрени беа и Николиќ и Мијатовиќ со 13, односно 12 поени, додека Младеновиќ имаше 8 асистенции. Тренер на Теута е Миодраг Балетиќ, црногорски стручњак кој во сезоната 1994/95 го водеше МЗТ Скопје.
Блокотехна убаво ја отвори последната четвртина со серија од 7-0 (четири поени на Пен и тројка на Младеновиќ), но предноста од 52-43 како да ги опушти играчите во црвени дресови, па домашните се вратија со низа од 6-0 и се влезе во неизвесна завршница.
При резултат 61-59, Пен и Мијатовиќ погодија по една тројка и на една и пол минута до крајот, македонскиот тим поведе со клучни 67-59, кои беа доволни за мирна завршница во која Пен со слободно фрлање донесе и плус девет.
Утре настап во БИБЛ има и другиот македонски претставник, Кожув. Гевгеличани гостуваат во Пловдив кај Академик Бултекс, а следниот меч за Блокотехна е на 18-ти декември дома против Башкими.