Веќе е познато дека на следните Олимписки игри во Лос Анџелес ќе има пет нови спорта, а брејкденсот веќе е елиминиран бидејќи не ги оправда очекувањата на игрите во Париз.
Сепак, на излезна врата од Олимпијадите е и боксот, кој најверојатно нема да го има на следната Олимпијада за четири години. Токму овој спорт предизвика најголеми контроверзии на штотуку завршените Олимписки игри, пред сè, поради одлуката на ИБА за суспензија на две натпреварувачки, на кои ИОК им дозволи настап со зголемено ниво на машки хормони, а тие без загубен поен стигнаа до златните медали.
Меѓународната боксерска федерација, ИБА, е под суспензија на ИОК, на следниот турнир ќе нема кој да го организира натпреварувањето. Се размислува тоа да биде организацијата Светски бокс, но тие имаат само 37 земји членки, што е премалку за едни Олимписки игри.
Боксот како спорт го немаше само на три Олимпијади. На првите две во 1896 и 1900, а потоа и во 1912 година. Дури и на античките олимпијади боксот бил присутен како спорт.