Во одложениот натпревар од 16-тото коло на италијанската Серија А, Болоња вечерва како гостин славеше на „Бентегоди“ против Верона со 2-3. Со ова Болоња ја прекина речиси двомесечната серија без победа во Серија А и се искачи на осмото место со 30 бода, додека Верона и понатаму го држи „фенерот“ со само 13 освоени бодови.
Верона поведе преку контранапад во 13-тата минута. Сè се случи по слободен удар за Болоња, кога домашните ја освоија топката и преку Сар и Орбан тргнаа во брза акција. На крајот Сар асистираше, а Орбан од работ на шеснаесетникот прецизно погоди за водство од 1-0.
Израмнувањето стигна во 21-та минута. Гостите изнудија слободен удар од десната страна, во висина на шеснаесетникот. Фројлер кратко ја додаде топката до Орсолини, кој влезе во казнениот простор и од околу 15 метри оддесно, ја испрати во спротивниот агол, постигнувајќи прекрасен гол за 1-1.
Осум минути подоцна следуваше целосен пресврт. Миранда од својата половина испрати долга топка по левата страна до Домингез, кој веднаш ја врати во средината за Одгард, а тој од петнаесетина метри со прецизен удар го погоди долниот десен агол од голот на Монтипо за 1-2.
Во 43-тата минута падна и евроголот на Сантијаго Кастро. Речиси од истото место од кое шутираше Одгард, но овојпат со неодбранлив волеј по додавањето на Побега, топката од гредата заврши во мрежата за 1-3 во корист на Болоња.
Верона не се предаде и неизвесноста ја врати во 71-тата минута. Орбан побегна по десната страна и упати центаршут во казнениот простор, а Ремо Фројлер во обид да интервенира ја испрати топката во сопствената мрежа за конечни 2-3.

