Болт: Жал ми е што се повлеков, ќе освоев олимписко злато во Токио

Поминаа четири години откако најбрзиот човек во историјата, Јусејн Болт, стави крај на својата атлетска кариера, а сега жали што се повлекол бидејќи верува дека летоска ќе освоел уште еден олимписки златен медал.

Италијанецот Ламонт Марсел Џонс до златото на ЛОИ во Токио дојде со време од 9 секунди и 80 стотинки, а пензионираниот Болт смета дека ќе истрчал побрзо од тоа.

„Додека ги гледав трките во Токио, почна да ми фали излегувањето на патеките. Тешко ми беше што гледав на телевизија, а не сум таму. Навистина сегашниве спринтери не се баш брзи. Ја поставив летвичката многу високо со моите рекорди,  потоа почнав да трчам побавно. Но, мислам дека ако учествував во Токио, веројатно би бил побрз од 9.80. Би сакал да не се пензионирав“, вели Болт, кој освојуваше злата на три олимписки игри.

Неговите светски рекорди, од 9,58 секунди на 100 и 19,19 секунди на 200 метри, веројатно уште долго ќе останат недофатливи.

- Оглас -

Најнови вести