Иван Ракитиќ, кој минатата година објави повлекување од националниот тим и летоска не играше на ЕВРО 2020, изјави дека ако има потреба, би играл за Хрватска на Светското првенство во Катар следната година.
Фудбалерот на Севилја се надева дека нема да има потреба да биде повикан, но ако селекторот Златко Далиќ се најде во некоја непредвидена ситуација да не може да смета на најдобрите, Ракетата би помогнал.
„Поради почит кон актуелните репрезентативци, кои ми се драги, мислам дека не треба да се вратам во репрезентацијата. Ќе бидам нивен најголем навивач од дома. Селекторот знае дека секогаш може да смета на мене ако се случи некоја непредвидена ситуација, но се надевам дека тоа нема да се случи“, изјави 33-годишниот Ракитиќ, кој одигра 106 меча за националниот тим, а по трансферот од Барселона во Севилја, реши да се посвети само на клупскиот фудбал.
Хрватите денеска гостуваат кај Малта, а в недела во Сплит ја пречекуваат Русија. Со две победи, Хрватите ќе го освојат првото место и ќе обезбедат место на СП.