Бонучи откри кој му бил најтежок за чување: Не можев да спијам пред мечевите со него

Поранешниот дефанзивец Леонардо Бонучи, кој се прослави во дресот на Јувентус, имаше „среќа“ да се соочи со големи шампиони како Лионел Меси и Кристијано Роналдо, но негова „ноќна мора“ бил Колумбиецот Дуван Запата.

Бонучи во една телевизиска емисија зборуваше за неговата успешна играчка кариера и објасни зошто Запата му бил најтежок за чување.

„Најмногу се забавував против Луис Суарес бидејќи и ме удираше и го удирав без никаков проблем, немаше лутење. Имав среќа да играм против шампиони како Дрогба, Роналдо, Меси, Торес и да не ги набројувам сите. Моја ноќна мора поради која не спиев ноќе пред дуелите со него беше Запата. Пред натпреварите против него кога играше за Аталанта не можев да спијам ноќе. Неговата моќ и физичка сила го правеа мој кошмар“, раскажа Бонучи, кој летоска ја заврши кариерата, а последен клуб му беше Фенербахче.

Во интервјуто Бонучи објасни и зошто контроверзно му се приклучи на Милан од Јувентус во 2017 година и зошто двапати го одбил Манчестер сити.

„Не отидов во Сити во 2016 година бидејќи Јувентус немаше намера да ме продаде, а и јас бев среќен во Јувентус во тој момент. Во 2017 година ми се јавија од Милан и ми рекоа дека ќе станам капитен на тимот. Си заминав од Јуве поради фамозната кавга со Алегри и се согласивме дека не може да продолжиме заедно, а по финалето на ЛШ нему му го продолжија договорот. Енергијата меѓу тренерот, клубот и мене повеќе не беше иста. Не сакав да одам во странство поради син ми и веќе му дадов зелено светло на Милан кога се јавија ПСЖ и Манчестер сити. Милан тоа лето потпиша 12-мина нови играчи, но на крајот од сезоната, кога работите пропаднаа, ми рекоа: „Нема повеќе место за тебе овде“. Сакав да се вратам во Јувентус и кога се вратив, се чувствував подобро од порано“, се сеќава легендата на италијанскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести