Бонучи: Поради Манчини, повторно сме фудбалско семејство

Лесната победа од 2-0 над Грција им обезбеди на Аѕурите место во групната фаза од Европското првенство за 2020 година. Италија во досегашниот дел од квалификациите има перфектен учинок од седум последователни победи, а голема заслуга за тоа има макотрпната работа на селекторот Роберто Манчини.

По бламажата во двомечот против Шведска во баражот за СП во Русија, Италијанците играат како препородени под палката на поранешниот тренер на Интер и Манчестер сити, а што е уште поважно се врати единството меѓу играчите, како што кажува капитенот Бонучи.

„Врската меѓу играчите и Манчини се зацврстува и подобрува по секој натпревар. Повеќе не сме состав од индивидуалци, туку личиме на вистинска репрезентација. Кога ќе го облечеме репрезентативниот дрес сите имаме иста цел, а тоа е да ја израдуваме нацијата. Уживаме додека играме бидејќи сме полни со ентузијазам, се чувствува единство во соблекувалната, повторно сме семејство“, истакна Бонучи.

До крајот на квалификациите Италија треба да одигра уште три меча. Им следува гостување во Лихтенштајн за два дена, а потоа во ноември ќе гостуваат и кај БиХ, за во последното коло да ја пречекаат репрезентацијата на Ерменија.

- Оглас -

Најнови вести