Борис Бекер во Германија ќе го дочека Божик

Поранешниот германски тенисер и гренслем-шампион, Борис Бекер, кој се наоѓа во затвор во Обединетото Кралство, за католичкиот Божик ќе биде депортиран во родната земја.

Англиското министерство за правда одлучи странските затвореници да ги испрати во матичните земји за да се ублажи притисокот на затворите во Обединетото Кралство.
Бекер во април годинава беше осуден на две и пол години затворска казна поради непријавување на имот вреден 2,5 милиони фунти, кога прогласи банкрот.

Тој веќе седум месеци се наоѓа во затворото Хантеркомб, во Англија.

Англиските медиуми пишуваат дека поранешниот тенисер наскоро ќе биде слободен човек бидејќи затворениците имаат корист од скратување на казната до 135 дена доколку се согласат да се вратат во родната земја.

На Бекер му била одобрена и опцијата за предвремено ослободување, што му овозможува на секој странски државјанин кој отслужува затворска казна и кој може да биде депортиран од Обединетото Кралство до 12 месеци пред неговото најрано пуштање на слобода.

„Задоволни сме што Борис ги исполнува условите за предвремено пуштање на слобода и ќе може да замине во Германија, иако Англија долги години беше негов дом. Сигурен сум дека нему и на неговото семејство многу ќе им значи повторно да бидат заедно за Божик“, изјави неговиот портпарол.

- Оглас -

Најнови вести