Борко Ристовски е главна фаца во хрватските медиуми

Со анализи на ракометните голмански легенди и изјавата дека не му треба Лино Червар за да се мотивира против Хрватите, голманот Борко Ристовски е македонскиот ракометен репрезентативец за кого најмногу се пишува по хрватските медиуми.

Хрватите предупредуваат дека покрај легендата Кирил Лазаров, тука е одличниот Ристовски, кој со 25 фатени топки, има најмногу одбрани од сите чувари на мрежата во првите две кола на светскиот шампионат.

„Македонецот е незгоден голман и ако му тргне, може секого да намачи. Се надевам дека нема да му дозволиме да дојде до израз“, вели поранешниот хрватски голман Валтер Матошевиќ.

И Хрватите имаат добри голмани, Марин Шего собра 21 одбраниа, а Стевановиќ има 11. И Владо Шола кажа дека важно ќе биде голманите на Хрватска да бидат на високо ниво.

„Не сме направиле ништо ако ги загубиме преостанатите три меча од групата. Противниците се потешки од тие што ги имавме досега, мораме да останеме сконцентрирани и да дојдеме до некоја победа“, вели Борко, кој не бранеше на СП 2017, кога селектор ни беше сегашниот селектор на Хрватска, Лино Червар.

„Не ми треба Червар за да се мотивирам, дуел со таква репрезентација е мотив сам по себе. Хрватска е меѓу петте најдобри на светот. Не размислувам за Лино и не му посакувам среќа бидејќи мечот му е против нас. Но, на хрватските играчи им посакувам добар пласман на ова СП“, рече Ристовски.

- Оглас -

Најнови вести