Босанците се сардисани од сите страни – Финска бара да се игра на неутрален терен, а им се повреди и голгетерот

Селекцијата на Босна и Херцеговина има многу проблеми пред двата клучни квалификациски натпревари за настап на Мундијалот во Катар, а едниот е многу сериозен и се работи за повреда на голгетерот Един Џеко.

Најдобриот стрелец во историјата на националниот тим со 60 гола има повреда на натколеницата од натпреварот меѓу Милан и Интер што се одигра вчера и неговиот настап е неизвесен и за дуелот со Финска во сабота и против Украина три дена подоцна.

Медицинскиот тим на репрезентацијата на Босна и Херцеговина по прегледите и магнетната резонанца, потврди дека капитенот на БиХ има повреда и дека таа не е наивна, но селекторот Ивајло Петев се надева дека ќе го има на располагање Џеко за двата дуели.

Един е и најдобар стрелец во историјата на селекцијата на БиХ и играч со најмногу настапи, точно 118. Босанците моментно се на четвртото место во Д групата, но со две победи на домашен терен против Финска и Украина сигурно ќе бидат втори.

Проблеми имаат и за првиот меч откако Финците најавија дека бараат во сабота да не се игра во Зеница поради, наводно, сложената политичка ситуација во Босна и Херцеговина и сакаат да играат на неутрален терен.

Ако БиХ победи на тој меч, Финците ќе бидат во аут во битката за второто место, а на избраниците на Петев во таков случај ќе им биде доволен и нерешен резултат со Украинците за да играат дополнителни баражи.

Теоретски со две победи можат да бидат и први ако Франција не освои ниту еден бод во дуелите со Казахстан дома и со Финска на гости, што би бил сензационален исход во Д групата.

Пред стартот на двете последни кола, Франција е прва со 12 бода од шест меча, Украина е зад нив со 9 бода, но има само уште еден меч за одигрување, тој против БиХ на гости, додека Финска е трета со 8 бода и два меча за одигрување, исто како и БиХ на четвртото место со 7 бода.

Последен е Казахстан со 3 бода и без шанси за настап на СП во Катар идната година.

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести