Бранителот на Куп-трофејот започна со убедлива победа во Битола

МЗТ Скопје Аеродром е првиот полуфиналист во Купот на Македонија откако без многу проблеми со 91:76 славеше над Гостивар, во Битола. Гостивар само во првата четвртина успеа да му парира на актуелниот бранител на Куп-трофејот, кога тимот предводен од Јорданчо Давитков водеше со 24:23.

Во втората чевртина МЗТ брзо го презеде водството, а Гостивар му парираше кратко. Беше 37:33 за МЗТ, а потоа аеродромци со уште подобра игра стигнаа до првото двоцифрено водство од 50:38, а на полувремето фаворитот си замина со највисоки 14 разлика (54:40).

Второто полувреме почна во ист стил како што заврши првиот дел. МЗТ Скопје само ја зголемуваше предноста, која во 26-тата минута изнесуваше 25 разлика (70:45) и веќе тогаш беше јасно кој ќе продолжи во трката за освојување на Куп-трофејот.

Најпрецизен кај МЗТ Скопје Аеродром беше Делалиќ со 22 поени, а со двоцифрен број поени беа и Робев, Танасковиќ и Ворку со по 13 поени. Кај Гостивар, Вилијамс даде 23 поени, а Инграм беше стрелец на 20 поени.

Денеска ќе се одиграат уште три четвртфинални дуели, и тоа: Еуро Никел – Чаир (14:30 ч.),  Работнички – ТФТ Скопје (17 ч.), Пелистер – Феникс (19:30 ч.).

Во утрешното полуфинале МЗТ Скопје ќе го чека подобриот од скопската пресметка меѓу Работнички и ТФТ, а победниците од останатите два четвртфинални дуели ќе се сретнат во второто полуфинале.

- Оглас -

Најнови вести