Браво Франческа: Девојката која има по четири прсти на рацете се пласира на Отвореното првенство на Австралија
Британката си го оствари сонот што го имаше како дете, додека лежеше по болници.

Британската тенисерка Франческа Џонс, која е родена со реткиот синдром ектродактилија-ектодермална дисплазија (ЕЕЦ), првпат во кариерата се пласира на гренслем-турнир. Таа успешно ги мина квалификациите кои се играа во Дубаи и од 8 февруари ќе биде дел од главниот турнир во „Мелбурн парк“, познат како Отворено првенство на Австралија.
Франческа, која има 20 години, на рацете има само осум прсти наместо десет, а на нозете има вкупно само 7 прсти. Целото рано детство го мина по болници и на операции, но никогаш не се откажа од сонот да стане професионална тенисерка. Таа кога наполни 9 години, од Бредфорд се пресели во Барселона и таму тренираше во академијата во која некогаш тренираа и ѕвездите Рафаел Надал и Енди Мареј.
Џонс моментно е 241-ва на ВТА-листата, а лани беше и меѓу првите 200 на светот.