Бруклин и без Брадата има шампионски лик, Сонце го огреа Феникс во второто полувреме (Видео)

Бруклин нетс одигра уште подобар меч во плејоф-серијата против Милвоки бакс и го декласира ривалот со 125:86 за предност од 2:0 во полуфиналето од Источната конференција.

Со 1:0 на спротивната страна, на Западот од НБА поведе Феникс санс со триумф од 122:105 против Денвер нагетс.

Бруклин и втор меч играше без големата НБА-ѕвезда Џејмс Харден, но и без популарната Брада, Мрежичките покажаа дека имаат шампионски лик.

Со фуриозна игра уште во првата четвртина, што ја добија со 36:19, го откажаа ривалот од аспирациите да направи брејк во плејоф-серијата што требаше да привлече најголемо внимание.

Јанис Адетокумбо и Крис Мидлтон, двете големи ѕвезди на Бакс, одиграа скромно, а поразот од 39 разлика е еден од највисоките во плејоф-историјата на Елените. Двајцата заедно постигнаа само 35 поени, што често е кота на поени што можат и сами поединечно да ја постигнат.

Кај Бруклин прв стрелец беше Кевин Дурант со 32 поени, додека Кајри Ирвинг уфрли 22 поени.

Феникс успеа да одигра одлично второ полувреме против Денвер нагетс и да го лимитира Никола Јокиќ под 30 поени, што им донесе стартен успех во полуфиналната плејоф-серија.

Нагетс водеа по првиот дел со 58:57, но потоа се разигра Крис Пол и Сонцата славеа победа. Пол постигна 21 поен, од нив дури 14 во последната четвртина, кога се одлучуваше мечот. Бриџис беше најефикасен со 23 поени.

Кај гостите, Јокиќ уфрли 22 поени, а зад него е Гордон со 18 поени.

 

- Оглас -

Најнови вести