Манчестер јунајтед ја игра најлошата сезона во последните неколку декади. По 32 одиграни кола, Црвените ѓаволи се на 14-тото место на табелата само со 38 освоени бодови. Вест хем, кој е на 17-тото место на табелата, кое е последно што носи опстанок, има само три бода помалку од Манчестер, што значи лесно може да се случи некогашниот гигант од „Олд Трафорд“ да падне уште пониско.
За тоа колку е немоќен Манчестер, се покажа на вчерашниот меч против Њукасл и поразот од 4:1. Гостите се држеа во првото полувреме кога беше 1:1, но во вториот дел Њукасл доминираше и стигна до убедлив триумф.
По мечот, капитенот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш, беше многу разочаран од соиграчите.
„Сите голови што ги примивме беа поради наши грешки. Разочаран сум од соиграчите затоа што знам колку добри може да бидат. Знам колку е тешко да се претставува овој клуб. Сите играчи премногу се трудат да го дадат најдоброто, да победуваме. Сите знаат дека само така може да бидат запаметени, ако победуваме и ако освоиме некои трофеи“, рече Бруно по поразот од Њукасл.
Португалскиот репрезентативец вели дека сега сите се фокусирани на дуелот кој следува в четврток, а тоа е реваншот од четвртфиналето во Лигата на Европа против Лион. На првиот меч во Франција резултатот беше 2:2.