Брзо земај бела боја и пуштај косилката да го средиме теренот, ќе почнат овие кај и да е

Драги мои, ги слушнавте ли убавите вести? Фудбалот се враќа, навистина се враќа (мислам, на оној поважниот). Некаде и порано од очекуваното. Бундеслигата прави сефте од топ 5 лигите во Европа, Германците решија од 9 мај да ни дадат повод да се врземе за фотелјата со далечинското во рака и два часа да си плакнеме очи со фудбалски убавини. Е, такво седење дома одговара, а не со турските серии и тие истите филмови одново и одново што се вртат на каналите. Мислеа, мислеа и на крајот смислија план како да се одвиваат натпреварите, настрана веќе познатата одлука да нема публика на трибини.

Прво и основно, 25.000 тестови се планирани за фудбалерите за да се тргнат сите сомнежи дека може да се случи ширење на вирусот во соблекувалните. Ќе се носат и заштитни маски за време на мечевите, такви се најавите, а при постигнат гол, ќе нема групно радување, се дел од мерките кои ќе се спроведат. Јасно е дека на почеток ќе биде чудно, како и на играчите така и нам, но ако тие се условите за повторно да има фудбал на ТВ, ќе се адаптираме без проблем. Потсвесно и очекувавме Германците да бидат меѓу првите кои ќе најдат решение за да се доигра прекинатата сезона, а доколку сѐ остане во најдобар ред, планот нема да се смени и 9 мај ќе остане датумот за камбек на Бундеслигата.

Убави вести стигнаа и од Апенините. Италија, земјата која е најпогодена од корона-вирусот во Европа, реши постепено да се враќа на фудбалските активности. Нивната идеја е сезоната да продолжи кон крајот на мај, прво со реванш-натпреварите од полуфиналето во Купот на Италија, па од 2 јуни и Калчолигата да се врати на програмата. Слично како и Германците, и во Серија А фудбалерите ќе бидат тестирани, трибините ќе бидат празни, а до почетокот ќе се потврдат уште неколку мерки.

Е, овие вести веќе даваат причина да се радуваме што ќе дремеме пред ТВ, се надеваме дека наскоро слични убавини ќе слушнеме и од Премиер лигата, Ла Лига, Лига 1, па дури тогаш да славиме за враќање на најважната споредна работа во светот.

Луѓето што ги одржуваат фудбалските терени, а периодов седеа дома без работа, со радост ќе ги вклучат косилките за да ги направат терените тип-топ, песни ќе пејат и ќе ги обновуваат белите линии. Сцената мора да биде подготвена навреме за актерите да ја изведат магијата.

Издржавме во самоизолација еден и пол месец, ќе издржиме уште малку со помислата дека барем фудбалот, спортот што најмногу буди емоции, колку-толку ќе се врати во нормала. А, дотогаш, ќе напоменам, иако веќе е кристално јасно: Седете дома и чувајте се и, секако, читајте Спорт Манија.

- Оглас -

Најнови вести