Екипата на Денвер нагетс со победа стартуваше во НБА плејофот откако на домашен терен по голема борба славеше над Минесота со 116:105. Домашниот тим лошо го започна дуелот и по првата четвртина имаше двоцифрено заостанување од 33:23. Брзо се врати Денвер и втората четвртина ја доби со 39:29, па на полувреме се замина со нерешен резултат (62:62).
Клучната предност за победата Денвер ја направи во третата четвртина кога поведе со 85:70 и потоа до крајот на дуелот не дозволи противникот да се понадева дека може да направи брејк на стартот од плејофот. Дуото Џемал Мареј и Никола Јокиќ беа предводници во победничкиот тим, заедно постигнувајќи речиси половина од поените на домаќините. Мареј со 30 поени беше најефикасен на средбата, а Јокиќ уште еднаш ја покажа својата разновидност и средбата ја заврши со трипл-дабл од 25 поени, 13 скокови и 11 асистенции. За Денвер ова беше 13-та победа по ред и сега се блиску до израмнување на клупскиот рекорд.
Кај Минесота најефикасни беа Едвардс со 22 поени и Гоберт со 17 поени и 10 скокови.
Интересно е дека на стартот од плејофот, домашните екипи беа без грешка и во сите четири меча беа подобри. Освен Денвер, пред своите навивачи победуваа и Лос Анџелес лејкерс против Хјустон со 107:98, Њујорк беше подобар од Атланта со 113:102 и Кливленд кој го победи Торонто со 126:113.

