Чаби Алонсо се враќа во Реал Мадрид, овојпат како главен тренер. Како што пренесува шпанскиот весник „Марка“, договорот меѓу Алонсо и Кралскиот клуб е веќе постигнат и наскоро се очекува официјална потврда. Баскиецот, кој направи сензација во Бундеслигата со Баер Леверкузен, ќе потпише тригодишен договор до 2028 година.
Реал Мадрид ќе мора да ја плати откупната клаузула од договорот на Алонсо со Баер Леверкузен, кој важи до 2026 година. Сепак, според информациите, зделката е „запечатена“, а Чаби ќе се врати во клубот каде што како играч ја освои Лигата на шампионите и остави силен белег.
Со оваа одлука клубот започнува генерациска смена на тренерската позиција бидејќи Карло Анчелоти ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната. Последниот натпревар на Италијанецот на клупата на Реал ќе биде на 25 мај против Реал Сосиедад, кога публиката ќе го испрати на „Сантијаго Бернабеу“.
Анчелоти, кој е еден од најуспешните тренери во историјата на Реал, се поврзува со преземање на репрезентацијата на Бразил, што дополнително потврдува дека неговото време во Мадрид завршува.