Чеферин: Зошто во Баку? Па, и таму живеат луѓе

Овогодишното финале во Лигата на Европа меѓу Челзи и Арсенал кое се одржа во Баку, беше една од главните теми изминатиов период. Навивачите на финалистите се бунеа што мораа да патуваат долг пат за да ги поддржат своите тимови. Слично незадоволство покажаа и навивачите на Ливерпул и Тотенхем, кои се бунеа за малиот број на влезници, поточно 16.000 влезници на стадион кој собира 68.000 гледачи, за финалето од Лигата на шампионите кое се одигра на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, цврсто ги брани овие одлуки, а потенцираше дека само Англичаните имаат замерки и се незадоволни во вакви ситуации.

„Англиските клубови и нивните навивачи секогаш се незадоволни, редовно се жалат. Но, така не си помагаат ниту себе, ниту тоа е добро за нивниот имиџ. Кога некој ќе ме праша зошто финалето од ЛЕ се играше во Баку, мојот одговор е дека и таму живеат луѓе кои сакаат да ги видат најголемите фудбалски ѕвезди во живо. Од нив никогаш нема да слушнеш замерка зошто мора да чекаат до 23 часот за да гледаат европски фудбал. Финалето се одржа на модерен стадион со 70.000 места, во Англија мислам дека само еден стадион има поголем капацитет од оној во Баку. Впрочем, местото каде ќе се одржи финалето се бира една и пол година порано. На пример, да играа две италијански екипи во Англија, никој немаше да се буни, а нашата цел е да ја прошириме популарноста на фудбалот на цел континент“, истакна Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести