Премиерот Зоран Заев се сретна со претставници на Одбојкарската федерација на Македонија и по честитките за дебитантскиот пласман на Европското првенство во септември, најави и поддршка од Владата.
На средбата присуствуваа и директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски, советникот на Премиерот за спорт, Даниел Димевски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, потпретседателите Љупчо Крстевски и Ивица Хаџи-Иљоски, генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ, како и Васе Михаилов, кој е долгогодишен македонски репрезентативец.
„Постигнавте одличен успех со пласманот, затоа изразувам почит кон Федерацијата во име на Владата и во мое лично име. Сметајте на поддршка од Владата. Со повеќе мерки Владата има цел да го поддржи спортот, бидејќи нема подобар репрезент за државата од спортот и ништо не зближува повеќе од спортот“, рекол премиерот Заев, кој ја поттикна ОФМ да аплицира за организација на европски првенства во младински категории, најавувајќи поддршка и во ваквите активности.
Се разговарало и за начините за мотивација за одбојкарите, како што е доделување спортска сала на Одбојкарската федерација на Македонија за потребите за развој на одбојката во Македонија.