Челзи го поздрави враќањето на Чех – Добре дојде назад Пит

Голманската легенда Петр Чех започнува ново поглавје и ќе биде технички советник во Челзи, клубот кој му посака добредојде на некогашниот свој член, кој долго го бранеше голот на клубот од Лондон.

„Добре дојде назад Пит“, е објавата на твитер-налогот на Челзи. Чешкиот голман одлучи да ја заврши кариерата и се врати во Челзи како технички советник.

Чех цели 11 години беше дел од дружината од „Стемфорд бриџ“, која прерасна во европски гигант токму во ерата кога чешкиот голман блескаше на голот на лондонскиот клуб.

Со Челзи има дузина титули, а и грото индивидуални награди се од ерата кога го бранеше голот на составот од Лондон. Во 2012 година ѝ се радуваше на европската клупска круна, откако со Челзи ја освои титулата во Лигата на шампионите. Една година подоцна стигна и трофејот од Лигата на Европа, а има и 4 титули од Премиер лигата.

Тој е единствениот голман што ја доби златната ракавица во Премиер лигата за најдобар голман со две екипи. Трипати како член на Челзи и еднаш со Арсенал.

Трипати беше најдобар голман во Лигата на шампионите, рекордер е со 202 меча без примен гол во Премиер лигата, во првата сезона во Челзи во 2004/05 нанижа серија од 1.025 минути без примен гол, што се уште е рекорд во англиското првенство, а има уште многу индивидуални признанија и награди.

 

 

- Оглас -

Најнови вести