Челзи победи и ги задржа шансите за Европа, а Тотенхем уште се „тресе“ за опстанок (Видео)

Челзи славеше со 2-1 против Тотенхем на „Стемфорд бриџ“ во дербито од 37-мото коло во Премиер лигата и остана во игра за место во европските купови.

Иако голем дел од вниманието беше насочено кон киксот на Манчестер сити против Борнмут, што ја реши шампионската трка во корист на Арсенал, во западен Лондон се водеше битка со огромно значење за двата тима.

Челзи немаше право на нов кикс ако сака да остане во конкуренција за пласман во Лигата ан Европа, додека Тотенхем бркаше бодови кои ќе му донесат помирен финиш во битката за опстанок.

Домашниот тим поведе уште во 18-тата минута преку Енцо Фернандес, кој со прецизен удар од дистанца го совлада голманот Антонин Кински.

Челзи беше подобар ривал во поголемиот дел од натпреварот, а во 67-мата минута Фернандес повторно беше во главна улога, овојпат како асистент за Андреј Сантос, кој погоди за 2-0.

Тотенхем не се предаде, па Ришарлисон во 74-тата минута намали на 2-1 по одлична асистенција со петица од Папе Сар.

Голот им даде дополнителна енергија на гостите, кои тргнаа по израмнување, а најблиску до тоа беше Џејмс Медисон. Сепак, Џарел Хато со фантастична реакција спречи сигурен гол и ја сочува победата на Челзи.

- Оглас -

Најнови вести