Червар: Овие судии треба да ги стават во затвор!

Хрватската ракометна репрезентација синоќа ги загуби шансите да се бори за место во полуфиналето на Светското првенство, откако загуби минимално со 22:21 од кодомаќинот Германија. Со овој резултат, Германија и Франција обезбедија место во полуфиналето, а „коцкестите“ извисија.

Селекторот на Хрватска, Лино Червар, беше многу лут поради судиските одлуки велејќи дека арбитрите директно влијаеле врз конечниот резултат.

„Ова беше грабеж кој го виде целиот свет. Овие судии треба да ги стават во затвор! Не ни е првпат ова да ни се случува. Данците ни го одземаа првенството во 2008, 2009, 2010 и тоа треба јавно да се каже. Не може да се дозволи аматери да судат вакви мечеви кои се одлучувачки“, луто реагираше Червар.

Стратегот кој во својата кариера има освојувано и светски и олимписки медали, вели дека судењето во ракометот е голем проблем.

„Само во ракометот го има тоа и претставува сериозен проблем, со кој треба да се занимава и Олимпискиот одбор. Ние ја надигравме Германија, и тоа пред нејзината публика, а судиите ни ја одземаа победата. И минатата година на Европското првенство во Хрватска имавме многу лошо судење. Мислевме дека сега ќе биде подобро, но веднаш се знаеше што се прави. Не ни моравме да играме. И сега Германците слават ваква победа. И сега што да им кажам на моите ракометари? Браво момци одлично се боревте? Тие се само жртвено јагне. Ние како граѓани на Хрватска мора гордо да се бориме и да не дозволиме некој вака јавно да нѐ краде“, заврши Червар, кој поради ваквите изјави сигурно ќе добие казна од Светската ракометна федерација.

Во последното коло од групната фаза, Хрватска утре ќе игра против Франција.

- Оглас -

Најнови вести