Човекот кој имаше 15 одбрани на еден меч од СП оди во пензија

Американскиот голман Тим Хауард по завршувањето на сезоната во МЛС-лигата, ќе ја заврши кариерата. Хауард од 2016 година брани за Колорадо рапидс, а како чувар на мрежата на националниот тим на САД, на дуелот со Белгија во осминафиналето на Мундијалот во Бразил 2014 година имаше дури 15 одбрани, што е рекорд на светските првенства.

„Се радувам на почетокот на новата сезона во МЛС, но таа сезона ќе ми биде последна. Сега не е време за сентименталност, како и секогаш, ќе тренирам напорно и ќе уживам во секоја минута со надеж дека ќе му помогнам на тимот да победува“, изјави 39-годишниот голман.

Хауард веќе 21 година професионално се занимава со фудбалот. Цели 12 години мина во Англија и беше чувар на мрежата на Манчестер јунатед и Евертон, а во 2004 година го прогласија за најдобар голман во Премиер лигата. За репрезентацијата има 121 настап и беше во составот на САД на три светски првенства.

 

- Оглас -

Најнови вести