Човекот кој со Хрватска освои мундијалски сребро и бронза, ќе ги предводи Коцкестите и на следното СП

Селекторот на фудбалска репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, потпиша нов договор и ќе остане да ги предводи Коцкестите до Светското првенство 2026, година, објави фудбалската федерација на Хрватска (ФСХ) на својата официјална интернет страница.

Далиќ е селектор на Хрватска од 2017 година и на последните две Светски првенства, Коцкестите беа втори (2018) и трети (2022).

„Златко Далиќ ги исполни апсолутно сите цели кои беа поставени пред него во овие пет и пол години, а притоа ја преводеше Хрватска до сребро и бронза на Светските првенства. Затоа ми претставува големо задоволство што се договоривме да ја продолжиме соработката која досега беше брилијантна“, изјави претседателот на ФХС, Маријан Кустиќ и додаде:

„Златко не само што постигна извонредни резултати, туку создаде и фантастична атмосфера во и околу репрезентацијата, а покажа и дека знае како да го освежи тимот и во исто време да го задржи континуитет на добри резултати.

Далиќ по потпишувањето на договорот рече дека неговата работа е најголемата чест и задоволство што може да ја има еден тренер.

„ Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Кустиќ и на ФСХ за големата доверба, како и за поддршката што ја имам во работата со репрезентацијата. Многупати сум истакнал дека оваа работа е најголемата чест и најголемото задоволство што можам да го имам како селектор и навистина се радувам на иднината со хрватската репрезентација. Без разлика што веќе постигнавме неверојатни успеси, сè уште имам голема страст и амбиција да продолжам да работам со репрезентацијата и верувам дека има уште многу големи предизвици пред нас. Во јуни ќе се обидеме да ја освоиме Лигата на нации, а следното лето сакаме да бидеме дел од Европско првенство во Германија“, рече Далиќ.

- Оглас -

Најнови вести