Вардар со победата од 24-23 над Охрид дојде до 18-тиот трофеј од Купот на Македонија. Иван Чупиќ го освои првиот трофеј како тренер на „црвено-црните“, но најавува дека целта е двојна круна, а Вардар е многу блиску до такво нешто, бидејќи има осум бода предност на пет кола пред крајот на Супер лигата.
„Честитки за Охрид за фер и коректниот меч. Знаевме дека играме против добра екипа, против екипа која игра добра одбрана и машки ракомет. Бевме подготвени на се, но мора да кажам дека Охрид одигра супер турнир. И пред два дена и денеска. Малку среќа, малку индивидуален квалитет, но најмногу карактер и победнички менталитет на Вардар беше пресуден за денешната победа. Нема разлика помеѓу освојување трофеј како играч и како тренер. Сакаме оваа сезона да ја завршиме со двоја круна. Тоа бара многу труд и откажување од многу нешта. Бескрајно сум среќен за моите играчи. Треба да тренираш, да работиш до април, за да донесеш еден трофеј. Мора да создадеме победнички менталитет, а тоа значи дека и кога се игра лошо дека мора да се победува. Горд сум на овој тим. Трката за титулата не е завршена, имаме осум бодови предност, а десет се во игра. Респект кон сите екипи, но сепак ние сме Вардар и мора да се бориме на секој меч. Утре е слободен ден, а од вторник повторно борба – маратонот уште не е готов.“ – рече тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.

