Ракометарот на Вардар, Јака Малус, освои две индивидуални признанија во финалето од Купот на Македонија против Охрид. Словенечниот интернационалец ги освои наградите за најдобар стрелец на завршниот турнир, како и за најкористен играч на завршницата во Струмица.
„Финале како финале. Финале е секогаш многу тешко да се игра, има тактика, има се, но на вакви натпревари одлучува срцето. Честитки и за Охрид за одличниот натпревар. Овие награди што ги освоив не се само мои, ова е признание за целата екипа. Без соиграчите немаше да ги освојам признанијата. Работиме цела година, но нема да застанеме тука. Имаме уште месец ипол до крај на сезоната. Имаме уште две цели. Најголемата е секако трофејот од првенството да се врати во Скопје и секако фајнл-фор во Лигата на Европа.“ – рече Јака Малус.

