Македонскиот репрезентативен фудбалер Дарко Чурлинов сезонава игра како позајмен за Шалке 04. Во интервју за официјалниот сајт на клубот од Гелзенкирхен даде неколку интересни изјави. Младиот Чурлинов на Германците им порача дека ако Македонија има свој ден, во октомврискиот меч во Скопје може повторно да ги победи Панцерите.
Чурлинов памети дека во 2013 година Шалке гостуваше во Скопје на пријателски меч со Вардар и на полувреме влегол на терен кога играле децата од Вардар и Работнички.
„Во октомври играме против Лихтенштајн и Германија. Натпреварот против Германија нема да биде лесен, но ќе играме на домашен терен во Скопје и тоа е плус за нас. На првиот меч покажавме дека е возможно да се победи Германија. За да го направите тоа, треба да имате добар ден, а ние го имавме. Зошто да не се случи тоа и вторпат? Имаме квалитет во тимот и едвај чекам да дојде тој меч. Сепак, пред да се вратам во репрезентацијата, сакам да имам добри натпревари против Рошток и Инголштат како играч на Шалке“, вели Чурлинов, кој кажа дека пред да дојде во Германија, не знаел ниту еден збор на германски јазик, но брзо научил бидејќи му било важно да се разбира со соиграчите.