Македонскиот првак Шкендија вечерва (20 часот) го пречекува Карабах, шампионот на Азербејџан, во првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тетовци направија големо изненадување со елиминацијата на ФЦСБ, а сега се надеваат на ново чудо.
Сепак, според обложувалниците, Карабах е сериозен фаворит во двомечот, па дури и за победа на вечерашниот прв натпревар во Скопје. На шампионот на Азербејџан квотата е 1.70, додека за победа на Шкендија се „плаќа“ навистина убаво, со квота 4.95.

„Не би правел споредби кој е посилен, дали ФЦСБ, романскиот првак кој веќе го елиминиравме, или пак Карабах. Мислам дека силата на Карабах е што имаат тренер кој цели 17 години е на кормилото на тимот и неколку фудбалери кои подолг период исто така го носат дресот на овој клуб. Но, ние сме подготвени за надигрување и ако сакаме да направиме нов успех, ќе треба да одигравме речиси совршено и како тим да одиме над својот лимит“, изјави тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Карабах се приклучува во третото коло од квалификациите на ЛШ, а во последните 12 години дури 11 пати ја освојува шампионската титула во Азербејџан. Сепак, прашање е дали Шкендија е таков голем аутсајдер, како што тоа го отсликуваат квотите…