Дали Лионел Меси станува новиот „пеналдо“?

Лионел Меси одигра вкупно девет меча од новата сезона, од кои седум се во дресот на Барселона, а два во националната селекција на Аргентина. Во овие девет дуели, Меси успеал четири пати да постигне гол и во сите четири дуели кога погодувал капитенот, Барселона се радувала на победа.

Лидерот на Барселона на теренот против Јувентус погоди во 91-вата минута, кога биеше прецизно од пенал за потврда на победата во Торино. Тоа беше четврти погодок на Меси сезонава и сите четири се од белата точка.

Меси првпат сезонава погоди против Вилјареал во првиот меч, кога со удар од 11 метри само ја потврди убедливата победа над Жолтата подморница. Гол од пенал Меси даде за минимална победа на Аргентина против Еквадор во квалификациите за Светското првенство 2022 година.

Аргентинецот од белата точка погоди и против Ференцварош за убедлива радост од 5:1. Тогаш Меси ја отвори серијата погодоци. Вечерва против Јувентус потврди дека е одличен реализатор од белата точка и по четврти пат од исто толку обиди биеше прецизно за нова радост сезонава.

 

- Оглас -

Најнови вести