Тандемот Славе Николов и Ѓорѓи Начевски важат за еден од најдобрите судиски парови на светот на ракометот, а некој сака врз нивната кариера да фрли темна дамка со обвинувања за наводно местење на натпревари.
Дански „Спорт ТВ2“ изнесе низа обвинувања за местење ракометни натпревари. Во извештајот се споменува и македонската судиска двојка.
Данскиот медиум пренесува извештај на „Спортрадар“, познатата фирма за детектирање лажирани натпревари во периодот од 2016 до 2018 година. Станува збор за 26 натпревари, а некои од нив ги суделе Македонците кои се дел и од СП во Шведска и Полска, и имаат делено правда и на Олимписки игри.
За Начевски има тешко обвинување и дека е поврзан со организирана криминална група.
Еден од „спорните“ мечеви е Кјелце – Веспрем од 2017 година од Лигата на шампионите на кој суделе Николов и Начевски. Средбата завршила нерешено, и наводно нашите арбитри „се потрудиле“ мечот да заврши со реми, а има обвинувања на нивна адреса и за меч од СЕХА лигата на кој на полувреме било нерешено.
Данците вчера побарале изјава од македонските судии по повод овие обвинувања, а тие одбиле да коментираат.