Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков, не беше задоволен од резултатот на гостувањето во Плоешти, но задоволен е што главната цел е остварена, а тоа е пласман во квалифиакциите за Евробаскетот 2021, каде што силите ќе си ги одмериме со три репрезентации кои во моментов се со повисок рејтинг од нашата.
„Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Натпреварот беше исклучително важен за двете репрезентации и мислам дека затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Го остваривме тоа кое го планиравме одамна, се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме повеќе и подобро. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени. Не сум среќен со начинот на којшто игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Се мачевме две години за да стигнеме до евроквалификациите, а тоа што сега ни претстои е различна приказна“, изјави Давитков веднаш по мечот.