Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, денеска ги повика италијанските власти да воведат закони какви што кон крајот на 80-тите години на минатиот век донесе поранешната англиска премиерка Маргарет Тачер и со кои беа запрени нередите на навивачите на стадионите.
Навивачите на Наполи пред два дена за време и по дербито од 28-мото коло во Серија А против Милан (0:4) протестираа поради високите цени на влезниците за натпреварите во Лигата на шампионите и новиот дуел со Росонерите. Највлијателните навивачки групи на Наполи, Федајн и Ултрас 1972, физички се пресметаа пред натпреварот, а потоа и на трибините за време на дербито.
„Ова е приказна која трае веќе 50 години. Сè додека во Италија не се донесе закон каков што донесе Маргарет Тачер во Англија, постојано ќе имаме вакви проблеми. Ова не се вистински навивачи, туку криминалци на кои им е дозволено да доаѓаат на стадион и ги мразат вистинските фанови и семејствата кои доаѓаат да гледаат натпревари“, изјави Де Лаурентис.
Со законот кој го донесе поранешната премиерка на Обединетото Кралство, Маргарет Тачер, се воведоа ограничувања со кои беа запрени навивачките нереди. Навивачите кои правеа проблеми беа казнувани со затворска казна, а притоа беше забрането внесување на алкохол на стадионите, а беше донесена одлука да нема трибини за стоење.