Денковски ја спушти завесата и ѝ донесе бод на младата Македонија

Македонската фудбалска селекција до 21 година одигра реми без голови против Србија во вториот квалификациски меч за ЕП 2023, оставајќи ги без победа избраниците на Канатларовски по два меча и со само еден освоен бод. Нашите надежи успеаја да го задржат националниот состав на северниот сосед благодарение на расположениот голман Давид Денковски и неговите херојства пред својот гол.

Ѓурковски направи прекршок за пенал врз Милосављевиќ во 34-тата минута, но Денковски го одбрани ударот од белата точка на Тедиќ, а потоа младиот голман на Брегалница одлично изреагира и при одбиената топка за двојна интервенција.

Денковски продолжи да брани во одличен ритам и во вториот дел, делуваше несовладливо за Србите. Се чекаше нешто повеќе од еден час за да изградиме посериозна шанса за гол, но нашите надежи не ја искористија мешаницата пред противничкиот гол при еден корнер.

Како и во поголемиот дел од мечот, така и во завршните дваесетина минути Македонија повеќе се бранеше отколку што успеваше да организира напад, за на крајот ремито без голови да биде задоволително за избраниците на Канатларовски.

Нерешениот резултат ни го донесе првиот бод во квалификациите, но нашата млада селекција останува на последното шесто место на табелата во групата Х, а во слична ситуација се наоѓа и Србија која пак прими само еден гол во поразот од Украина, за разлика од нас во дуелот со Франција кој го загубивме со 0-3.

- Оглас -

Најнови вести