Датумот 17-ти септември засекогаш ќе го паметат во Барселона. Тоа е денот кога точно пред 18 години во каталонскиот гигант пристигна Лионел Меси. Тогашното 13-годишно детенце пристигна од Аргентина со цел да покаже дека во него има вонсериски талент.
Во познатата школа на Барселона, популарната „Ла Масија“, никогаш претходно се немаше појавено таков талент. Детенцето кое имаше потреба да прима и хормони за раст, во Барселона ги доби сите потребни услови за да израсне во еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Токму денеска, Меси слави полнолетство во Барселона, а неговото име засекогаш ќе остане запамтено во каталонскиот гигант.
Откако ги помина сите младински категории, Меси дебитираше за сениорскиот тим во 2004 година и досега одигра вкупно 642 средби во сите наптреварувања. Зад неговото име има запишано 556 погодоци и 239 асистенции.
Меси може да се пофали дека со Барселона има освоено девет титули во Примера дивисион, осум трофеи во шпанскиот Суперкуп, шест во Купот на земјата, четири во Лигата на шампионите, три Суперкупа на Европа и три Светски клупски првенства.
Освен на клупско ниво, кога се во прашање наградите, тој е неверојатно успешен и на поединечен план. Меси пет пати ја освојуваше Златната топка, a исто толку пати ја добиваше и Златната копачка. Неговото доаѓање во Барселона, едноставно, го промени фудбалот.