Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во својот кабитен го прими нашиот најуспешен атлетичар, Дарио Ивановски. На приемот Ристовски му честиташе на Ивановски за одличниот успех што го направи на маратонот во Белград кој се трчаше изминатиов викенд.

Министерот Ристовски во соопштението упатено по повод средбата со нашиот атлетичар кој цели на остварување пласман на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, вели:
ЧЕСТИТКИ ЗА ДАРИО ИВАНОВСКИ ЗА ИЗВОНРЕДНИОТ НАСТАП НА БЕЛГРАДСКИОТ МАРАТОН!
Со голема чест и задоволство денеска во Министерството за спорт се сретнав со нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски и му упатив искрени честитки за извонредниот успех што го оствари викендов на престижниот Белградски маратон. Освоеното второ место во конкуренција од 2.350 маратонци од 79 земји е резултат за почит. Со време од 2:09:35, Дарио беше само на 24 секунди од првото место – уште една потврда дека се наоѓа во одлична форма. Овој резултат е речиси идентичен со неговиот национален рекорд, што зборува за континуитет, посветеност и врвна подготвеност. Како Министерство за спорт, ќе продолжиме силно да ги поддржуваме спортистите кои остваруваат врвни резултати и достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. Дарио е еден од нашите најсилни адути за претстојните големи натпреварувања и уверен сум дека најдоброто допрва доаѓа!

